Познати цените на грозјето

Лозарите и винарите од Кавадаречко се договорија да се задржат ланските откупни цени на винското грозје, 11 денари за смедеревка со најмалку 17 шекерни единици и 13 денари за вранец со 19 шекерни едници на откупен пункт.

Ова е исходот од денешниот работен состанок на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков со претставници на лозарските здруженија и винарските визби во Кавадарци.

Според лозарите и винарите, овие цени би биле најкоректни поради лошата сезона за грозјето годинава што ќе предизвика намалување на  родот за 30 до 50 отсто. Воедно и винарските визби се соочуваат со проблеми поради намалувањето на цената на виното на светскиот пазар заради големата конкуренција од шпанските вина. Тоа е и причината поради која винарските визби не се во можност да дадат повисоки откупни цени за винското грозје. За другите сорти винско грозје откупните цени ќе се одредат според квалитетот.

Претходно, во текот на месецов ресорниот министер Цветков имаше најпрво одвоени средби со лозарите и винарите, а потоа одржа и една заедничка на која двете страни не успеаа да се договорат околу откупните цени на грозјето.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како што информира,  ќе продолжи да ја следи состојбата со лозарството.