Македонската ракометна репрезентација го заврши Светското првенство на 15-то место. Неуспех или реален одраз на можностите? Тешко е да се процени.
Факт е дека Македонија на ова првенство замина со цел да ја помине групата и да се бори за повисок пласман, со цел обезбедување место на Олимписките квалификации.
Македонија сепак главно се потпре на искусните играчи и на ова првенство. Кире Лазаров, Гоце Георгиевски, Дејан Манасков, Стоилов и Пешевски, Борко Ристески и Филип Лазаров најмногу одиграа на првенствово и го понесоа главниот товар. Тоа сепак не беше доволно за пласман понатаму.
Од промената на генерации видовме малку. Посериозна минутажа младите ракометари добија единствно во второто полувреме против Бахреин.
Против Хрватска целиот натпревар го одигравме со една постава (со мали промени во бековската линија и настапот на Поповски во второто полувреме) и иако нападот често не функционираше најдобро, нашиот селектор не се одлучи да ги стави младите ракометари и да се обиде со нив да се спротивстави на хрватската одбрана.
Наместо тоа скоро шеесет минути играше Филип Лазаров, кој не претставуваше никаква опасност кон хрватскиот гол и генерално не играше преголема улога во нападот.
Оние кои треба да бидат лидери на младата македонска репрезентација по Кирил Лазаров – Дејан Манасков, Филип Кузмановски и Филип Талески – солидно се претставуваат на ова првенство, иако и кај нив треба да се работи на потрпелива и попромислена игра. Товарот на бековите сепак сѐ уште е кај Лазаров и фали уште децентрализација на бековската игра. Пикерите Стоилов и Пешевски пак функционираат скоро беспрекорно.
Сепак прашањето е како ќе функционира нашата репрезентација во следните неколку години, и дали воопшто ќе можеме да избориме пласман на некое големо натпреварување, ако ракометарите, за кои и селекторот и капитенот велат дека се неискусни и ракометно недоразвиени, не се воиграат во репрезентацијата. Не е доволно да учат од поискусните на тренинг, треба да го осетат жарот на играта и притисокот кој доаѓа од играње натпревари од ваков ранг. Ова е особено важно бидејќи често гледаме како и некои од поискусните ракометари паѓаат психолошки за време на натпреварите и играат неконцентрирано и конфузно.
Ова првенство требаше резултатите и пласманот во втората рунда да ги ставиме во втор план и наместо тоа да се обидеме да почнеме со градење на една нова македонска репрезентација. Радикално требаше да се фрлат неискусните во оган и тактиките да се кројат за нивно воигрување, а не да играме веќе познати варијанти, кои ги познаваат сите (особено европските репрезентации со кои се соочуваме често).
Бидејќи кога на теренот веќе ќе ги нема поискусните, ќе го нема „мозокот“ на репрезентацијата Кирил Лазаров, може да настане крах кој долго ќе не држи надвор од најдобрите во Европа и во светот.