Во седиштето на НАТО во Брисел денеска амбасадорите на 29 земји членки на Северно-атлантската алијанса го потпишаа Протоколот за членството на Македонија во НАТО. Во наредниот период следува негова ратификација во парламентите на сите држави членки.
„Тоа беше тежок пат, исполнет со компромиси. Долго време Ве чекавме да ни се приклучите во семејството. Учествувате во мисиите на НАТО и ги исполнивте реформите потребни за да станете 30-та членка на НАТО. По потпишувањето следува процесот на ратификација и не се сомневаме дека ќе биде ратификуван во сите држави членки, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Македонија наскоро ќе биде Северна Македонија, тоа е прашање на денови. Докажавме дека можеме да ги решaваме проблемите со кои се соочуваме. Ова ќе испрати смирувачка порака во регионот во кој сѐ уште има неизвесност. Ние сме подготвени, ние сме тука, ќе ги преземеме одговорностите што следуваат со членството во НАТО. Се надевам на ефикасно спроведување на ратификацијата“, рече шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.