„Ова е голем, историски ден за сите наши граѓани. Денес, најголемиот безбедносен сојуз на светот, НАТО, ни кажа добредојде. Денес седнавме рамо до рамо со нашите сојузници, на иста маса, во иста алијанса.
Среќни сме, и треба да бидеме, бидејќи обезбедивме трајна стабилност за нашата земја. Обезбедивме сигурност, безбедност и мир. Прогресот и развојот сега се незапирливи.
Нашите генерации и децата на нашите генерации ќе живеат подобро, во земја и во регион кои зрачат со надеж. Нека ни е честито, да бидеме горди!” пишува во честитката до сите граѓани што ја упати премиерот Зоран Заев по повод потпишувањето на протоколот за членство на нашата земја во НАТО од страна на 29-те земји членки.
Дваесет и деветте земји-членки на Северноатлантската алијанса денеска во седиштето на организацијата го потпишаа протоколот за членството на Македонија во НАТО, на официјалната церемонија на која присуствуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров.
„ Ова е историска пригода. Лидерите Заев и Ципрас покажаа визија и храброст преку посветеноста за решавање на спорот, придонесувајќи за безбеноста и стабилноста. Договорот од Преспа го означи првиот чекор на патот што не донесе тука. Ова не беше лесен пат, туку исполнет со предизвици. Долго време чекавме да се придружите на нашето семејство, придонесувавте во операциите на НАТО и работевте на реформи кои ќе овозможат да станете 30-та членка на Алијансата. Сигурен сум дека процесот ќе се одвива без потешкотии, НАТО ќе пружа поддршка. Од денес вашите претставници ќе се придружат како поканети гости на состаноците на НАТО. Ќе учествувате во носењето заеднички одлуки со нас. Ги делиме истите вредности за слобода демократија и човекови права. Денешниот настан покажува дека вратата на НАТО останува отворена за демократиите кои ги прифаќаат одговорностите кои ги носи членството – истакна Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО.