За чинарот на плоштадот „Чинар“ кој е во лоша состојба, Општина Охрид побара и доби посебна дозвола од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање ( МЖСПП) за имплементација на мерките за санација и ревитализација. За таа цел е во тек тендерска постапка за избор на стручна фирма која ќе превземе активности за санација, ревитализација и статичко обезбедување на чинарот.
Одделението за заштита и влијание врз животната средина, согласно Законот за заштита на природата покрена иницијатива за препрогласување на охридските чинари за споменици на природата.За таа цел во 2017 год. изготвени се елаборати за валоризација/ревалоризација ,санација и ревитализација за охридските чинари (Platanus orientalis).
Согласно изготвените елаборати Советот на општина Охрид донесе Одлука за предлагање за прогласување на чинарите во поширокото градско подрачје во Општина Охрид и кочеџикот во дворот на црквата Св. „Богородица Перивлепта“ во категорија – СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА. Целокупната документација во 2017 година е доставена до МЖСПП како надлежен орган за прогласување на чинарите за споменици на природата со што Општина Охрид ќе добие право на управување со чинарите.
Со проектот се опфатени следните стебла поединечно на следните локации :
-едно стебло чинар ( Platanus orientalis) на плоштадот „Чинар“,
-едно стебло чинар ( Platanus orientalis) на крстосницата на ул.„Гоце Делчев“ со ул.„Абас Емин“,
-едно стебло чинар (Platanus orientalis) на крстосницата на ул.„Гоце Делчев“ со ул.„Бистрица“,
-две стебла чинар (Platanus orientalis) на ул.„Димитар Влахов“ пред просториите на „Црвен Крст “,
-едно стебло чинар (Platanus orientalis) на крстосницата на ул.„Јане Сандански“ со Бул.„Туристичка“,
-едно стебло чинар ( Platanus orientalis) на ул.„Питу Гули“, нас.Влашка Маала и
-едно стебло кочеџик (Celtis Australis ) во дворното место на црквата Св.Богородица Перивлепта,
Охридските чинари се прогласени за споменик на природата со Решението на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, бр. 04-623-1/67.
Исто така, во согласност со препораките од Просторниот план на Охридско-преспанскиот регион, потребна е итна ревалоризација на веќе регистрираните заштитени подрачја. Платановите стебла во Просторниот план за Охридско-преспанскиот регион се категоризирани како заштитени добра во категорија-споменици на природата, според стариот Закон за природни реткости, каде е наведено дека за истите треба да се изврши ревалоризација. Охридските чинари, како заштитено природно наследство се идентификувани и во Секторската студија за заштита на природното наследство изработена во 1999 година за потребите на Просторниот план на Република Македонија .
Дополнително, чинарот кој се наоѓа на плоштадот „Чинар“, е едно од препознатливите обележја на градот Охрид. Ова многувековно дрво опстојало во различни периоди и епохи од историјата на Охрид и Македонија, што само по себе го прави симбол на времето, односно „сведок“ на настаните кои се случувале и одвивале долги години наназад. За староста на ова дрво постојат повеќе мислења. Според првото, чинарот е стар 11 века, и него го засадил Св. Климент Охридски уште за времето на постоењето на првиот словенски универзитет во Охрид. Според второто, чинарот опстојува цели шест века. Меѓутоа, без разлика на различните ставови околу староста на дрвото, заклучокот е дека тоа е многувековно дрво и претставува место, каде се градела историјата на градот Охрид, но и туристичка атракција на градот.