На 41-то издание на Интернационалниот Белградски саем за туризам, што се одржува од 21- ви до 24 февруари, со бројни активности се промовира Охрид како атрактивна дестинација. По свеченото отворање на саемот, синоќа во познатиот белградски ресторан „ Амфора“ се одржа традиционалната „ Охридска вечер“. Пред присутните гости од туристичкиот еснаф и дипломатски претставници од повеќе земји, се обрати в.д градоначалникот Константин Георгиески.
-Ви посакувам топло добредојде на традиционалната „ Охридска вечер“ со искрена желба, во овој амбиент исполнет со староградска музика и охридски кулинарски специјалитети, да го почуствувате духот на древниот Охрид, токму овде во срцето на Белград- рече в.д градоначалникот Константин Георгиески.
Покрај на официјалниот македонски штанд, денеска во една од саемските конференциски сали се одржа посебна презентација на која за понудата на Охрид, како топ- туристичка дестинација зборуваше в.д градоначалникот Константин Георгиески.
-Во Охрид доаѓале и доаѓаат трагачи по убавините од сите страни на светот. На заминување со себе сите ги носат неизбришливите импресии, а бројни се светски познати имиња кои ги запишуваат за да остават своја трага во милениумски мозаик на Охрид и Охридското Езеро.
Ние како генерација цврсто сме определени заштитените културни и природни реткости од страна на УНЕСКО, да ги чуваме , но и да развиваме одржливи стратегии за нивна презентација преку збогатување на формите на туристичката понуда. Постојано покрај традиционалните, креираме и алтернативни форми, се со цел да имаме понуда која ќе биде атрактивна за домашните, гостите од соседството, но и за оние од светот. Паралелно работиме на подобрување на инфраструктурата, а постојано го зголемуваме бројот на летовите на охридскиот аеродром.
Како ретко каде туристите можат да ги посетат културно историските споменици од неолитот до денес, да уживаат во бистрите води на Охридското Езеро, да се искачат на прекрасната планина Галичица и во исто време да ги гледаат Охридското и Преспанското Езеро.
Во крајбрежните и руралните средини во околината гостите можат да прошетаат, да се рекреираат и да ги вкусат специјалитетите на традиционалната кујна. Полни со емоции и позитивна енергија, денот можат да го завршат со добра храна, пијалоци и убава староградска песна низ охридските ресторани или да се забавуваат во бројните кафулиња, дискотеки и ноќни клубови- рече в.д градоначалникот Константин Георгиески.Заинтересираноста за Охрид, кај посетителите и претставниците на туристичката бизнис заедница од повеќе земји е над очекувањата, а особен интерес има и кај медиумите. Вршителот на должност градоначалник на Охрид Константин Георгиески оствари повеќе средби со важни личности од туристичкиот бизнис и даде изјави за бројни медиуми.
Белградскиот саем за туризам е најголемиот туристички настан во земјите од Југоисточна Европа. Саемот ги исполнува светските стандарди во овој бизнис, гради партнерски односи со изложувачите кои преку квалитетни понуди и разни настани го привлекуваат вниманието на туристичките ентитети. На саемот годинава има 250 странски учесници од 43 земји од светот.