Легенда за Охридската химна – “Билјана платно белеше” Во старо време во древниот град Охрид живеела преубавата мома Билјана. Таа била толку убава што сите застанувале да ја погледнат нејзината убавина.
Еден ден отишла мома Билјана кај изворите да го бели платното. Откако го избелила платното во бистрите изворски води го пружила на белиот песок да се суши.
Тогаш, оттука поминувал караванот со 20 винари. Водачот на караванот под око ја гледал Билјана, вчудоневиден од оваа боженсвена убавина го сопрел караванот пред белото платно. Тогаш мома Билјана им рекла на винарите: “Кротко терајте карванот да не ми платно згазите”.
Овие зборови на мома Билјана се вткаени во оваа преубава песна :
“Билјана платно белеше на охридските извори Ми поминаа винари, винари белограѓани.
Винари белограѓани, да не ми платно згазите, платното ми е даровно, за свекор и за свекрва.
Билјано, моме убаво, ако ти платно згазиме со вино ќе го платиме, со вино лута ракија.
Винари, белограѓани, не ви го сакам виното, тук ви го сакам момчето што напред тера карванот и носи кепче над око.
Билјано моме убаво момчето ни е таксано за него вино носиме, вино и лута ракија.”