Урбанистичката деградација стана главна одлика на оваа Локална власт. Животот на СДСМ значи незаконски да се заграбат најатрактивните простори на Охридското крајбрежје, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОК на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски.
- Откако претходно не успеаја во Градиште сега повторно се обидуваат да легализираат бесправно изградени објекти на земјиште сопственост на Република Македонија во крајбрежниот појас-во Трпејца, кај автокампот „Андон Дуков“, во Велестово и на други локации без изградени објекти, но на атрактивна местоположба. Зошто не се почитува Законот за постапување со бесправно изградените објекти? Општината и државата со тоа што самите посегнуваат кон нелегално градење свесно ги прекршуваат сопствените закони. Дали Георгиески со дивоградби ќе го заштити Студенчишкото Блато?, рече Божиновски.
Според него, јасно е дека со палење на трската се подготвуваат терените за узурпација на крајбрежјето на езерото преку нови градби.
ВМРО-ДПМНЕ бара од в.д градоначалникот Константин Георгиески да ги повлече точките од дневен ред за легализација на дивоградбите на 26-тата седница на Советот на општина Охрид. Ги повикуваат сите еколошки друштва и граѓански здруженија да се придружат во борбата за зачувување на доброто на Охрид.