ПЕТТЕ КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОХРИД, КОИ ЌЕ УЧЕСТВУВААТ НА ВОНРЕДНИТЕ ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ПОТПИШАА КОДЕКС ЗА ФЕР И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОРИ.

Lake-Ohrid-37
Охрид на предвремените избори за градоначалник овој пат има 5 кандидати и тоа д-р Константин Георгиески од СДСМ, д-р Митре Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ, Михаил Трендафилов-Нанче од ГДУ, Стевче Стевоски од партијата Демократи и Џемал Мена, како кандидат на Движењето БЕСА. На овие избори во Охрид нема независен кандидат.
По потпишувањето на Кодексот, кандидатите за првата градска фотелја во Охрид дадоа изјави според редоследот на гласачкото ливче:
– Потпишувањето на овој кодекс за фер избори претставува писмена гаранција дека ние учесниците на овие избори ќе бидеме фер и коректни како меѓусебно така и пред граѓаните на Охрид, рече кандидатот Стевче Стевоски.
– За мене ова е фарса бидејќи во една земја во која постои Устав и закони нема потреба дополнително да се потпишува Кодекс за фер изботи. Ако некој ги прекрши фер изборите потребно е согласно закон да одговара, истакна Михаил Трендафилов – Нанче.
– Чинот на потпишување на овој кодекс го сфаќам симболично, убеден сум, сите овие луѓе ги познавам, дека на овие избори може да има некаков проблем. Одговорноста за фер и демократски избори лежи на Владата, да обезбеди фер и достоинствени услови и терен за сите ние подеднакво да се натпреваруваме на овие избори, рече Митре Милошески.
– Очекувам после овој потпис што го ставивме на кодексот на 21-ви април изборите да се фер и демократски, посакувам успех на сите кандидати, рече Џемал Мена.
– Потпишувањетро на Кодексот можеби е протоколарен, но е убав чин кој ја збогатува демокрартијата. Ние ќе треба тоа во пракса да го покажеме и докажеме и да го потврдиме во овие 20 дена кампања и на денот на изборите. Јас се обврзувам и гарантирам дека ќе сторам сé изборите да се фер и демократски, истакна Константин Георгиески.
Охриѓани на 21-ви април ќе избираат нов градоначалник, откако на 15-ти декември минатата година, ненадејно почина досегашниот градски татко, проф. д-р Јован Стојаноски.