Националната арена „Филип Втори“ во иднина ќе има ново име. Според информациите на „Спортмедиа“, има четири предлози за новото име на Арената. И тоа:
- Национална Арена Скопје
- Национална Арена „Тоше Проески“
- Национална Арена „Петар Милошевски“
- Национална Арена „Кирил Симоновски -Џина“
Порталот „Плусинфо“ пренесува дека името на новиот стадион ќе го носи името на поп пејачот Тоше Проески. Тие пренесуваат дека од Владата им потврдиле дека наскоро ќе има смена на името, а од АДСДМ веќе е поднесено барање за промена на името.
Според извори блиски до ФФМ, веќе било наредено да се тргнат сите натписи со Национална Арена „Филип Втори“, затоа што тоа име заминува во историјата.
Никаде го нема предлогот Градски стадион во Скопје, кој што го носеше името долго време, односно до 2008 година кога беше сменето. Во 2017 година неколку месеци стадионот го носеше името „Телеком Арена“, но по раскинот на договорот со спонзорство, се врати на старото име „Филип Втори“.