ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ОБЕДИНЕТИ ЗА МАКЕДОНИЈА ВЛАДИМИР КАНЕВЧЕВ : НА ПРЕСТОЈНИТЕ ИЗБОРИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОХРИД ЌЕ ЗАСТАНАМЕ ВО ПОДДРШКА НА Г-ДИН МИХАИЛ ТРЕНДАФИЛОВ НАНЧЕ.

На прес-конференција во Локалниот клуб на Граѓанско Демократската Унија, Владимир Каневчев, поранешен претседател на Обединети за Македонија во Охрид изјави: „Како поранешното општинско раководство на Обединети за Македонија и јас како нејзин поранешен претседател, пред неполн месец донесовме едногласна одлука за негово распуштање, а после неколку наши консултации околу понатамошните политички ангажмани, едногласно одлучивме, на претстојните избори за градоначалник на Охрид да застанеме во поддршка на г-динот Михаил Трендафилов Нанче.

Одлуката не беше лесна, но мотивите за тоа беа следни: Знаете и сите дека партијата Обединети за Македонија e десно ориентирана партија и настана како производ од незадоволните членови на поранешното ВМРО- ДПМНЕ, каде воедно како член и еден од основачите беше и г-динот Љубе Бошкоски. Во неколкуте изминати години, режимското владеење на ДПМНЕ ја достигна својата кулминација, со што беше неопходно обединување на сите прогресивни сили во Македонија, без оглед на политичкото убедување, со една единствена цел, рушење на режимот.

Застанавме рамо до рамо во таа борба, се формира и коалицијата ВМРО за Македонија како трета десна опција, а предводник во битката беше тогаш најголемата опозициска партија СДСМ. Битката иако тешка, режимот падна, ама многу работи не тргнаа онака како што очекувавме.

Во пост изборниот период, како и многу други помали и десни и леви партии влеговме во коалиција со сега владеачката СДСМ, се со цел да бидеме поцврсти, заеднички да ја градиме Македонија како силна европска и просперитетна државаа, а таа сплотеност покажа одлични резултати на локалните избори наредната година.

Но, сега еве, изборите за градоначалник се пред нас, тука сме со кандидатот на Граѓанско Демократската Унија, г-динот Михаил Трендафилов Нанче, на кого овој пат му ја даваме целосната поддршка, а оваа наша одлука произлезе од многу други фактори, пред се гледајќи на глобално ниво за Охрид.

И г-динот Георгиески од СДСМ и г-динот Милошески од ДПМНЕ се пред се врвни лекари, кои верувам со љубов си ја работат својата работа и се спремни секогаш да помогнат секому, не затоа што дале Хипократова заклетва, туку затоа што пред се се хумани луѓе, па затоа и на двајцата искрено им посакувам многу успех во својата лекарска кариера и да останат запаметени како такви.

На Охрид доста му беше не само од лекари за градоначалници, на Охрид доста му беше и од партиски послушници од двете најголеми партии, кои функцијата градоначалник не дека не знаат да ја вршат. Не можат да ја вршат совесно, затоа што мора да бидат неми извршители на ситнопартиските интереси.

Затоа на Охрид му треба искусен менаџер, организатор и независен човек.“

Со тоа, поранешното раководство на Обединети за Македонија во Охрид го повикува своето членство и симпатизери да ја дадат својата поддршка за градоначалничкиот кандидат Михаил Трендафилов – Нанче.

Со почит, Граѓанско Демократска Унија-ГДУ, ЛК Охрид Центар за комуникации на Граѓанско Демократска Унија-ГДУ