Усогласување на платите во јавниот сектор согласно процентот со кој е покачена минималната плата, исплата на К15 во јавниот сектор, како и откажување на идејата од јавен во приватен сектор, се трите барања кои Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) ги упати до Владата вчера на протестот во Куманово.
Според претседателот на КСС Благоја Ралковски, минималната плата во последната година и пол е зголемена за 25 проценти и тие бараат тој процент да се пресмета и на платите по вертикала во сите сектори, каде просечната плата изнесува 19.000 денари и се граничи со социјалните примања.
„Владата најде законско решение да се покачат платите на вицепремиерите и министрите. Ние бараме согласно законот да се покачат и нашите плати, оној процент за кој е покачена минималната плата, а тоа е 25 отсто и да важи од 1.1 2019 година. Сведоци сме дека минатата година има многу партиски и роднински вработувања, ако има место и за нас во јавниот сектор нема да дозволиме нас да нè избркаат од работа. Синдикатот остро ќе се спротивстави на секој отказ на наш член. Ќе има пари и за К15, ако скратат малку од нивните трошења, нека покажат дека се најдобриот работодавач во државата, нека покажат со сопствен пример како се исплаќа К15“, рече Ралковски од говорницата пред членовите, кои од повеќе градови дојдоа во Куманово.
Од простестот беше најавено дека ако не се прифатат нивните барања, ќе продолжат масовните протести во земјата или ќе прогласат генерален штрајк во јавниот сектор, а од понеделник ќе започнат и судски постапки против надлежни институции кои ги кршат законите за работниците.