Во голема сала на општина Охрид, денес, со пригодна свеченост беше одбележан 9-ти мај – Денот на Европа.
Свое обраќање на настанот имаше градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој ја потенцираше заложбата за што поскоро зачленување во Европската Унија.
- Охрид како град кој што низ минатото, но и сега, е крстосница на цивилизациите и столб на вредностите врз кои е изградена Европската унија, е вистинското место од каде што можеме уште еднаш да го испратиме повикот за зачувување и негување општочовечките хуманистички принципи. Ние сме се чувствувале и се чувствуваме како дел од Европа, каде што и природно припаѓаме. На пречките што во минатото се поставуваа како проблем, им се посветивме и пронајдовме решенија. Станавме пример на држава, во соочувањето со предизвиците и постигнување на зацртаните цели. Работиме на реформите и ги вградуваме европските стандарди. Сето ова ни дава право да реагираме за забрзување на процесот кон нашите евроинтеграции, истакна градоначалникот Георгиески.
Во рамки на манифестацијата, од страна на претставници на ОУТУ „Ванчо Питошески, СОСУ „Кирил и Методиј, ОСУ „Св. Климент Охридски“ и ОУ „Св. Климент Охридски“, беа презентирани реализираните проекти од програмата Еразмус плус.
Еразмус е воспоставена во 1987 година, од страна на Европската комисија и одтогаш повеќе од 1,5 милиони студенти и професори учествувале во Еразмус размени. Програмата се дефинира како програма која ја поттикнува мобилноста на студентите и на наставните кадри и Европската соработка вклучувајки високообразовни институции и други клучни актери во економијата базирана на знаење.