Во присуство на сите членови, претседателот на Општинската изборна комисија Климент Камнароски, денеска официјално му го врачи Уверението на новоизбраниот градоначалник Константин Георгиески.
- Ја користам приликава да им се заблагодарам на сите граѓани кои гласаа за мене, мојата програма и визијата за поубав и попросперитетен Охрид. Ги уверувам и оние охриѓани кои гласаа за противкандидатот, дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани и ќе ги вложам сите лични капацитети да го реализирам ветеното.
Со координирана работа со Советот на општина Охрид и локалната администрација ќе ја забрзаме динамиката за реализирање на веќе започнатите проекти, а паралелно ќе ги привршуваме постапките за почеток на новите.
Програмата, со бројните проекти речиси во сите сегменти на подобрување на животот во Охрид, добро и се познати на јавноста. Верувам во себе и моите соработници и ги уверувам граѓаните дека ќе го реализираме ветеното и дека ќе воведеме нова практика за брза подготовка на потребната документација за аплицирање на повиците за користење средства од европските фондови– рече градоначалникот Константин Георгиески.