БУГАРСКИОТ МАРАТОНЕЦ КРАСИМИР ГЕОРГИЕВ ПРИСТИГНА ВО ОХРИД

Бугарскиот маратонец Красимир Георгиев, кој трча ултрамаратон по Коридорот 8 денеска пристигна во Охрид. Нашиот град е еден од поважните центри низ кој поминува предвидената траса за овој спортски подвиг, кој се одвива под мотото „Поврзување”.

Георгиев во Охрид беше пречекан од Градоначалникот Константин Георгиески и секретарот на општината Игор Бежоски, кои му честитаа за неговата храброст и за неговата заложба за промоција на спортот и добрососедските односи.

Ултрамаратонот на Георгиев е под покровителство на премиерите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија, Бојко Борисов, Зоран Заев и Еди Рама, и има цел да ја промовира важноста на транспортот низ Коридорот 8, кој ги поврзува Црното и Јадранското Море.

Трасата по која трча Георгиев е во должина од 1300 километри. Маратонот започна во Бургас на 8-ми мај и предвидено е заврши во Драч на 25-ти мај 2019 година. Низ овој период Георгиев ќе мине низ повеќе од 20 градови и повеќе населени места во трите држави.