ЗАПОЧНА ВТОРОТО ИЗДАНИЕ НА „TASTE OHRID”

Врвниот светски готвач Џорџо Дијана и угостителскиот експерт Андреа Бијаџини, ќе бидат дел од второто издание на Гастро турата „Taste Ohrid”, која од денес до 23-ти мај ќе се одржува во Охрид.

Во рамки на настанот кој го организираат Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство Охрид и Туристичкиот кластер ЕДЕН, ќе бидат одржани посебни Mастер класови за студентите по гастрономија, готвачите, менаџерите и сопствениците на охридските угостителски објекти.

Според Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, угостителството претставува исклучително важен дел од еден комплетен туристички производ и токму затоа треба постојано да се преземаат мерки за осовремеување на гастрономската понуда и зголемување на нејзиниот квалитет.

-Охрид има широка лепеза на угостителски објекти, но најголемиот дел од нив на гостите им сервираат стандардни видови на готвена храна. Според туристичките експерти, потребно е значително освежување на охридските менија во согласност со светските трендови, кои наметнуваат една нова димензија во кулинарството, а рестораните се идентификуваат со сопствен печат во готвењето и послужувањето на храната како и во креирањето на уникатни специјалитети.

Сметам дека Гастро турата е од големо значење за Охрид како туристички центар, бидејќи преку неа се промовираат кулинарските потенцијали на овој регион, спакувани и понудени на модерен начин, во согласност со светските угостителски стандарди. Се надевам дека овој настан ќе продолжи да се организира и во иднина и дека значително ќе придонесе за подобрување на гастрономскиот квалитет во нашите угостителски објекти и ќе ја збогати туристичката понуда во Охрид, истакна градоначалникот Георгиески.

Покрај практичните обуки од затворен карактер, љубителите на гастрономијата ќе имаат можност да ги пробаат специјалитетите од славниот готвач Џорџо Дијана во рамки на часовите на отворено кои ќе се одржат во четврток, 23-ти мај, пред хотелот „Su“. Сите домашни и странски гости во Охрид ќе имаат можност во прекрасниот амбиент покрај Охридското Езеро да ги вкусат специјалитетите, но и во живо да проследат како тече процесот на подготовка на храната од страна на Мишелин готвачот.