Секретарот на Општина Охрид Игор Бежоски денеска присуствуваше на отворањето на првата Академија за лидерство која се одржува во Охрид во организација на Меѓународната фондација „Балкан Нет“, Националната асоцијација на општинските службеници на Бугарија, под покровителство на Советот на Европа и германската фондација Ханс Зајдел.
Во своето обраќање пред присутните секретарот Бежоски упати посебна благодарност до организаторите бидејќи го избрале Охрид како место за одржување на академијата.
-Живееме во време на секојдневни нови предизвици и затоа ни е потребно лидерство за нивно брзо и ефикасно решавање. Потребни ни се знаења и индивидуални вештини, креативност и подобрување на меѓусебните односи, се со цел од секој поединец да се извлече максимумот кој ќе се вгради во ефикасносното справување со барањата на процесите во кои учествуваме.
Дозволете да потсетам на зборовите на еден врвен експерт кој вели дека треба да се почне со мали, да се сонува за големи планови, но мора да се почне веднаш. Одолговлекувањето за почеток не е ништо друго туку одбранбен систем на луѓето кои се плашат од нови почетоци. Очигледно не треба да биде така зошто и Вашите тренери ќе ви кажат дека само ако ги остварувате поставените цели ќе бидете успешни. Почитувајте ја познатата поговорка која вели дека секое време има свои предизвици, а справувањето со нив, носи нови предизвици, истакна меѓудругото Бежоски.
Академијата за лидерство е програма на интерактивна обука посветена на градоначалници, општински лидери и претставници на организации од невладиниот сектор од Северна Македонија и Бугарија. Мисијата на програмата е да се помогне во развојот на поефикасно управување со социјални, технолошки и политички предизвици.