ЗАПОЧНА 24. ИЗДАНИЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ СПОРТСКИ ИГРИ ЗА ПЕНЗИОНЕРИ

Денеска во селото Калишта во Струга започна 24. издание на Регионалните спортски игри за пензионери, на кои ќе учествуваат Здуженијата на пензионери од  Охрид, Струга, Кичево, Македонски Брод, Дебар, Лабуништа и Вевчани.

На свеченото отворање на овој традиционален настан, во името на Охридската локална самоуправа се обрати Советничката во Советот на Општина Охрид , Марија Попоска.

-Ми претставува особена чест и задоволство во мое лично име и во името на Општина Охрид да Ве поздравам и да Ви посакам голем успех на овогодинешното издание на Регионалните спортски игри за пензионери.

Вашиот елан и желба за физички и спортски активности се за вистинска почит, претставуваат еден убав пример и даваат голем придонес за промоција на спортот и здравите навики во рамки на секојдневното живеење. На сите ни се добро познати препораките дека движењето и оптималната физичка активност се услов за зачувување на здравјето на луѓето, а спортско-рекреативните програми носат низа позитивни ефекти врз здравјето и резултираат со виталност и долговечност.

Општина Охрид секогаш е подготвена за поддршка на сите активности и проекти кои се иницирани и реализирани од Здржението на пензионери и понатаму активно ќе работи на остварување на взаемна соработка и развивање на партнерство. Постојано работиме во делот на обезбедување на услови за развој во сите сфери од секојдневното живеење, а особено во делот на подобрување на условите за повозрасната категорија на граѓани.

Уште еднаш Ви посакувам успешни спортски игри и пријатен престој овде во Калишта, во еден од најубавите и најживописните предели на крајбрежјето на Охридското Езеро, истакна Попоска.

На овогодинешното издание на Регионалните спортски игри, ќе се натпреваруваат над 300 пензионери, во 11 спортски дисциплини, во екипна и поединечна конкуренција. Победниците во сите категории, ќе се здобијат со право да учествуваат на Републичката пензионерска спортска олимпијада.