Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески и градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски денес го означија церемонијалниот старт на Маѓународното авто-рели „Охрид-Две езера”, кое викендов се одржува во Охридско-Преспанскиот регион.
Овој натпреварувачки настан од областа на автомобилизмот, се возобновува по пауза од 40 години, благодарение на заложбите на АКК „Примо Реисинг”, општините Охрид и Ресен, Автомобилистичката Федерација и Агенцијата за млади и спорт.
-Особено ме радува фактот што на ова авто-рели учество ќе земат повеќе од 30 екипи од неколку европски земји, кои ќе имаат несекојдневна можност да уживаат во рутата на движење, која ќе се одвива низ нашиот прекрасен Охрид, преку падините на преубавата Галичица, па се до селото Стење во Преспа.
Ова е еден од најубавите предели во нашата замја, со прекрасни панорами над Охридското и Преспанското Езеро и уникатни пејзажи во кои е испреплетено природното и културното богатство. Затоа сум убеден дека ова рели, за сите учесници ќе донесе едно неповторливо адреналинско доживување и незаборавно искуство, кое долго ќе го паметат.
Организацијата на вакви настани е од особено значење за збогатување на туристичката понуда на Охридско-Преспанскиот регион. Се надевам дека овој настан ќе продолжи да се организира и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека ќе прерасне во настан кој ќе го привлече вниманието на сите љубители на автомобилизмот, во европски и светски рамки, истакна градоначалникот Георгиески, во своето обраќање пред присутните.
Официјалниот старт на Маѓународното авто-рели „Охрид-Две езера” ќе започне утре наутро, на кеј „Македонија”, а главниот финиш на релито е предвиден на истото место доцна попладне.