Околу 70 поети од Македонија и странство зедоа учество на 4-то издание на Поетската манифестација „Охридски поетски бисер“, која започна денеска во манастирскиот комплекс „Св. Спас“ во охридското село Горно Лакочереј.
Во името на Локалната самоуправа свое обраќање имаше Советникот во Советот на Општина Охрид, Мишел Силјаноски.
–Радува фактот што сеуште постојат ентузијасти кои своите идеи ги реализираат во реалноста. Радува фактот што во Охрид, кој се издигнува како културен центар, постојано се збогатува со содржини и настани за сечиј вкус. Сите манифестации се подеднакво важни за Локалната самоуправа и сите манифестации имаат своја публика која нетрпеливо го очекува секое нивно издание.
Охрид како ниеден друг град може да се пофали со големиот број на квалитетни културно забавни манифестации, кои пред се се’ поттик и простор за голем број млади ентузијасти да го искажат своето достигнување.
Навистина е непријатно да се говори покрај голем број литерати, па затоа тука ќе го завршам своето обраќање со една мисла која неодамна ја прочитав: „Поезија е кога емоцијата ќе ја пронајде мислата, а мислата соодветните зборови“, истакна Силјаноски.
Поетската манифестација „Охридски поетски бисер“ се организира со цел да го афирмира пишаниот збор и да даде придонес во зачувување на Македонскиот јазик.
Во рамки на манифестацијата предвидено е доделување на прва, втора и трета награда за најубава песна, како и награди за најдобар млад автор, за најдобар странски автор, за најдобра интерпретација на песна и Награда за животно дело.