Денеска во Охрид започна 19-та ICF-Меѓународна Илинденска регата во кајак-кану на мирни води „Охрид 2019“, која ја организира охридскиот клуб „Стрмец“.
Пред официјалниот старт на регатата, учесниците ги поздрави градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
-Со ваквите спортски манифестации, Охрид испраќа една силна порака за поголема афирмација и промоција на спортот, а особено за развој и поддршка на водените спортови. Очекуваме овогодинешното издание на кајак-кану регатата, да донесе вистинско спортско доживување за сите учесници и дека ќе биде интересно искуство за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката.
Охридското Езеро со сите свои карактеристики има огромни потенцијали за развој на водените спортови, а ние како Локална самоуправа, ќе ги преземеме сите мерки, кои се во наша надлежност, за да ги подобриме условите за одржување на вакви манифестации и да го поддржиме нивното организирање. Се надеваме, дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид, истакна Георгиески.
Покрај домашните екипи, на регатата учествуваат и екипи од Полска, Бугарија и Србија. Учесниците се поделени во машка и женска категорија и во четири натпреварувачки дисциплини. Во рамки на програмата, предвиден е и меморијален маратон на 2000 метри, во чест на починатите кајакари.