Активностите за справување со цврст отпад се од суштинско значење за заштита на животната средина и градење поздрава иднина за сите нас. Ова беше истакнато на почетокот на денешната акција за чистење на Охридското Езеро и крајбрежје, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, како дел од акцијата „Чисто како дома исто“.
Градоначалникот, Константин Георгиевски кој даде директна поддршка и заедно со нуркачите од клубот за подводни дејности „Охрид“ нурна во езерските води од каде се вадеше отпад , непосредно пред почетокот на акцијата во изјава за медиумите рече:
– Во оваа прилика дозволете да ја упатам мојата благодарност до организаторите и до сите учесници на денешната акција за чистење на Охридското Езеро и крајбрежје затоа што преку неа се потврдуваат стратешки определби на локалната власт за чист Охрид кој не случајно заедно со езерото е под заштита на УНЕСКО како светско културно богатство и природна реткост. Управувањето со отпад е еден од најозбилните проблеми со кои се соочува денешниот Свет, а кои се однесуваат на зачувување на чистата животна средина. Ваквите акции се чекор напред во напорите Управувањето со отпад во нашата земја да се прилагоди на барањата на Европската Унија со цел да се воспостави систем на интегрално управување со отпад. Станува збор за комплициран проблем кој бара добри организациски капацитети и соработка помеѓу бројни страни во приватниот и јавен сектор. Се надевам дека ваквите активности со кои во голема мера допринесуваме во заштита на животната средина ќе бидат пракса и во иднина затоа што само така ќе обезбедиме поздрава иднина за сите нас- посочи Георгиевски.
Евро амбасадорот Самуел Жбогар и Даниела Нелепа од Македонската Асоцијација за цврст отпад, укажаа на суштината на денешната акција за чистење на езерото и крајбрежјето и за слични активности кои се алка во низата која ќе не поврзе со европското семејство.
Настанот е во организација на Македонската Асоцијација за цврст отпад (МаСВА), поддржана од Делегацијата на ЕУ во земјава,Општина Охрид, ЈП „Охридски комуналец“и колективниот постапувач „Нула Отпад ДОО- Скопје. Во чистењето на Охридското езеро учествуваа нуркачи од Клубот за подводни дејности од Охрид.
Вечерва во црквата Св. Софија во Охрид свечено ќе биде отворена конференцијата „Комуникација за управување со отпад“. На работниот дел што утре ќе се одржува во Струга учество ќе земат претставници на меѓународни организации, интернационални експерти, на централната и локалните власти и специјализирани компании.
На конференцијата ќе стане збор за унапредување на управувањето со отпадот во Македонија, можностите за имплементација на светските искуства во регионот и успешно реализираните мали грантови.