Пред зградата на Општина Охрид е поставен првиот сензор за следење на еколошките параметри на воздухот, како дел од активностите на Пилот проектот „Ефикасно користење на новите технологии за чист атмосферски воздух– AIRTHINGS“, кој е дел од Програмата „Интерег Балкан-Медитеран“ на Европската Унија.
Проектот „AIRTHINGS“ предвидува поставувањето на 11 сензори на различни локации на јавни институции за следење на еколошки параметри на подречјето на општина Охрид, како и поставување/инсталирање на 15 филтри за домаќинства кои користат цврст енергенс за затоплување на своите домови.
За имплементација на техничкиот дел од предвидените активности, кои се дел од овој проект, задолжени се Државниот Инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина и просторно планирање, а Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид, е задолжено за изборот на домаќинства кај кои ќе бидат инсталирани филтрите.
Проектот ќе ги искористи новите технологии преку т.н интелигентни сензори за мерење на квалитетот на воздухот, обезбедувајќи нови, податоци во реално време преку мрежа за формирање на интернет поврзани градови за следење на квалитетот на воздухот. Проектот ефикасно ќе го адресира загадувањето на воздухот и ќе им овозможи носење на правовремени одлуки на јавните власти, граѓаните и бизнис заедницата.
На 1-ви октомври 2019 година во Охрид ќе се одржи „Европски ден на соработка“ кога официјално ќе биде промовиран овој проект.