СЕРТИФИКАТИ ЗА УЧЕСНИЦИТЕ НА БЕСПЛАТНИТЕ КУРСЕВИ ПО РУСКИ ЈАЗИК

На пригодна свеченост која се одржа вчеравечер во ОУ „Христо Узунов” беа доделени сертификатите на учесниците на бесплатните курсеви по руски јазик што ги организира Рускиот центар при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” од Скопје.

Сертификатите на втората генерација учесници ги доделија амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Александрович Баздникин и директорот на Рускиот центар при УКИМ, проф. д-р Велимир Стојковски.

Во име на Општина Охрид, пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Ристо Николески, кој истакна дека со организирањето на бесплатните курсеви за изучување на рускиот јазик во Охрид, се продлабочува соработката помеѓу нашиот град, Република Северна Македонија и Руската Федерација. Тој изрази надеж дека Охрид и во иднина ќе биде центар каде што ќе се реазлизираат слични вакви проекти.

Освен бесплатните курсеви по руски јазик, Рускиот центар при УКИМ преку низа проекти и активности е посветен на промоција на руската литература и култура и сите традиционални вредности на Русија во нашата земја.