Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески денес на барање на новинарите даде изјава во врска со акцијата за остранување на дивоизградени објекти на подрачјето на општината, во согласност со законските процедури и Акцискиот план за постапување по препораките од последната сесија на Комитетот за заштита на светското културно и природно наследство на УНЕСКО.
-Отстранувањето на бесправно изградените објекти е процедура која во рамки на општина Охрид била изоставувана години наназад и соодветно не се санкционирале бесправните градби. Тоа е причината поради која во Охрид имаме толку бесправни градби. За секоја активна дива градба треба да се пристапи за отстранување по однос на решението. Тоа отсега ќе биде вообичаена пракса и за секоја дива градба ќе се постапува соодветно.
Постапувањето со бесправно изградените објекти не се само активностите на терен. За да дојдеме до работа на терен, потребни ни се исцрпувања на сите правни процедури. Можеме да постапуваме само кај тие објекти кои се со правосилни заклучоци за отстранување. Има објекти кои се со решенија за отстранување, кои се обжалени на суд, а дел од нив се со поднесени барања за легализација. Значи за сите тие објeкти кои се под одредена друга постапка не можеме да постапуваме.
Секојдневно се доставуваат известувања за извршување по однос на решенијата за отстранување. Дел од сопствениците на бесправно изградени објекти кои добија известувања дојдоа во општината и изразија волја и желба сами да ги остранат објектите. Доколку не постапат во одредениот рок, ќе постапи општината.
Јавноста треба да разбере дека ова е проблем кој е напластуван години наназад. Последен пат отстранување на дивоизградени објекти имаше во 2003-2004 година. Оттогаш до денес, во Охрид не е срушено ниту едно столпче. Ние не можеме да го разрешиме овој проблем во три дена, ова е битка која ќе трае неколку години.
Имаме поддршка и координација со централната власт во однос на овие активности. Ценам дека работите се значајно поместени од мртва точка и дека треба сфаќањата целокупно да се променат. Конечно овде мора да почне да се почитува правото и законот, истакна градоначалникот Георгиески.
Тој најави дека на 30-ти септември 2019 година ќе биде дел од државната делегација која ќе патува во Париз, Франција, во седиштето на УНЕСКО, каде што ќе се презентира првиот извештај за напредок по однос на препораките од последната сесија на Комитетот на светско и природно наследство.