ЕВРОПСКИ ДЕН ЗА СОРАБОТКА

Во организација на општина Охрид. Делегацијата на Европската унија, Министерството за локална самоупрва и Државниот инспекторат за животна средина, денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“ се одржа манифестацијата „ Европски ден за соработка“. Централниот дел на манифестацијата беше посветен на  Програмата „Интерег Балкан-Медитеран“ .

-Општина Охрид контрибуира со своите ресурси во неколку европски проекти, посебно во рамките на оваа програма, а се надеваме дека и во иднина ќе продолжиме со нашите активности да дадеме силен придонес на промовирање на европските вредности, пред се во областите едукација на младата популација, културното и природното наследство и животната средина.

Европскиот ден на соработката ги посочува достигнувањата постигнати преку територијалната соработка на илјадници луѓе секоја година. На овој начин се зголемува видливоста и се подигнува јавната свест за Интерег Ипа прекуграничната соработка, транснационалните и интернационалната соработка и нивните проекти.

Иднината е кај најмладите и на сегашните и идните генерации треба да им обезбедиме здрава животна средина, а овој проект токму е фокусиран на следењето на квалитетот на воздухот во Охрид преку нови иновативни методи, а ќе биде и од особено значење за планирањето на идните активности и мерки во оваа област- рече заменик градоначалникот Ристо Николески.

Пред зградата на општина Охрид е поставен првиот сензор за следење на еколошките параметри на воздухот, како дел од активностите на пилот проектот „ефикасно користење на новите технологии за чист атмосферски воздух–„AIRTHINGS“, кој е дел од програмата „ Интерег Балкан Медитеран“ на Европската унија.

Проектот „„AIRTHINGS“ предвидува поставувањето на 11 сензори на различни локации на јавни институции за следење на еколошки параметри на подречјето на општина Охрид, како и поставување/инсталирање на 15 филтри за домаќинства кои користат цврст енергенс за затоплување на своите домови.

-„ Интерег Балкан- Медитеран“ програмата е само дел од бројните фондови кои се поддржани од Европската унија, кои треба да се реализираат, бидејќи тие се знак за нивната поддршка на нашиот пат кон евроатланските интеграции- рече заменик- министерот за локална самоуправа Дејан Павлески. Претставникот на Државниот инспекторат Дарко Блинков, додаде дека постојано се зголемува бројот на трансграничните проекти и дека радува фактот што има многу проекти што се поврзани со заштитата на животната средина.

На манифестацијата „ Европски ден за соработка“ учениците од училиштето „ Братство- Единство“ од различните етникуми кои беа дел од овој настан преку интерактивна игра сплотени испратија пораки на обединување на различните религии, народи и држави, промовирајќи ги европските вредности на соживот, почитување на културата и заштита на животната средина.