Градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески денес на барање на новинарите даде изјава во врска со одлуките кои советниците на општина Охрид ги изгласаа на денешната 33-та седница.
-Советот на општина Охрид и советниците денеска изгласаа историска одлука со која се финализира процесот на формирање на новото јавно претпријатие „Колекторски систем“ и поделбата на МЈП „Проаква“. Со тоа тие покажаа една исклучителна свест, љубов и грижа за нашиот град и сакам да им честитам што се дел од една значајна одлука за која во минатото имало неуспешни обиди да биде донесена. Советниците треба да се горди со тоа што се дел од еден ваков процес, кој што денес, за среќа на сите нас го финализираме. Формирањето на новото јавно претпријатие конечно значи инвестиција во иднината и една вистинска подадена рака од државата за нашиот град.
Само оваа година, државата инвестирала 500 милиони денари за раздолжување на нашиот град и дополнително 800 милиони кои што ги презеде од долгот на МЈП „Проаква“. Значи добивме една милијарда и 300 милиони денари инвестиција во подобар живот и во подобра иднина за Охрид и охриѓани.
Оваа наша одлука е многу важна и од еден друг аспект, а тоа е финализирање на процесот на раздолжување на општината. Во делбениот биланс кој денес го изгласаа советниците се предвидуваат 72 милиони денари, кои што беа како конто долг на општина Охрид спрема Министерството за финансии, по основ на кредитот кој што беше земен од Светска банка за колектор, да ги преземе новото јавно претпријатие „Колекторски систем“. Тој долг се брише од контото на општината и општина Охрид станува финансиски солвентна да добие позитивно мислење од Министерството за финансии, за да можеме на еден јавен повик да се задолжиме кај домашни или странски финансиски субјекти и да го завршиме конечно процесот на раздолжување на општината, кој што го започнавме. Долгот на општината во месец јануари годинава беше преку една милијарда и 600 милиони денари, а сега имаме реални 350 милиони денари долг.
Посакувам и во иднина сите одлуки кои што се во интерес на нашиот град, Советот на општина Охрид да ги носи консензуално, истакна градоначалникот Георгиески.