75 ГОДИНИ СЛОБОДЕН ОХРИД

Во рамки на одбележувањето на 7-ми Ноември- Денот на ослободувањето на Охрид, градоначалникот, Константин Георгиевски  се обрати на Свечената академија што претпладнево се одржа во ОМУ „Методи Патче“.

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Георгиески истакна:

–  Денеска Охрид  празнува, чествува и се потсетува  на храброста и пожртвуваноста на  охриѓани  кои пред 75 години во борбата против фашистичкиот окупатор  ги вградија своите животи за слободен град. Историја забележала  многу датуми, но само 7- Ноември  е поврзан со  борбата за слобода  на   Охрид и охриѓани . Со пожртвуваност и храброст, умешност и мудрост  нашите сограѓани ја донеле толку посакуваната слобода  удирајќи ги темелите  на  современ град. Животот е часовник. Стрелките се движат напред. Секое завртување е показател  за  едно одминато и сегашно време, а просторот меѓу бројките е наша постојка на која застанувајќи за миг стануваме свесни дека  без минато иднина нема. Не заборавајќи го  делото на нашите предци,на крваво спечалената слобода го  градиме и развиваме Охрид, продолжувајќи   онаму каде што генерациите пред нас застанале. Секогаш неуморни и родољубиви во заедништво, солидарност и почит едни кон други го надградуваме и развиваме нашиот убав Охрид претворајќи го во  заеднички напреден и праведен дом, онака како што го сонувале и посакувале нашите борци. Од ослободувањето  до денес многу нешта се промениле  но не и напорите на темелите на правдата , исправното и доброто да го развиваме Охрид како значаен економски , туристички, културен и образовен центар. Продолжувајќи го  аманетот на нашите предци да ја сочуваме со животи платената слобода го градиме и разубавуваме Охрид. Чесно и посветено работиме на крупни  проекти за подобра иднина на сите граѓани. Конечно го решивме деценискиот проблем на градот, раздолжување на  општина  Охрид, работиме на реконструкција и изградба на колекторскиот систем. Градиме улици, патишта и тротоари. Ги подобруваме условите за образование на нашите деца.  Реконструираме  училишта, градиме нови спортски сали. Денеска во современ Охрид кој е идеален склоп на традиционалното и модерно време со понос и посебен пиетет се присетуваме на секој живот и секоја жртва дадена за слободата на Охрид кои се траен потсетник и патоказ за изградбата на уште поуреден и понапреден град. Нека ни е честит и вековит 7-ми Ноември, денот на ослободувањето на Охрид од фашистичкиот  окупатор  и неговите  сојузници- рече Георгиески.

Свечената Академија  беше заокружена со културно-  уметничка програма.