ЗАВРШИ 33 СЕДНИЦА – СОВЕТОТ ЌЕ РАБОТИ СО НОВ ДЕЛОВНИК

Со  40 точки на дневниот ред во кои доминираа одлуки од урбанистичката сфера,  денес Советот на Општина Охрид, ја одржа 33 седница. Очекувано, најголемо внимание привлекоа предлог одлуките за утврдување на Нацрт фискалната стратегија и развојните програми на општината за наредната 2015 година и новиот Деловник за работа на Советот на општина Охрид.

Во дискусијата по предлог развојните програми, градоначалникот Бакрачески истакна дека, програмите “се квалитетно изработени и ги одразуваат потребите на граѓаните. Понатака следува процес на јавна расправа каде што се вклучуваат сите субјекти на градот во креирање на дефинитивната верзија на програмите“.
Во понатамошниот тек на седницата, советниците едногласно ги усвоија точките кои се однесуваа на прашања од урбанистичката сфера, за донесување на урбанистичко планска документација за бесправно изградени објекти на повеќе катастарски парцели во градов и околните населени места.

Со два прекини на седницата за консултации на советничките групи, советниците со 14 гласа ЗА, го донесоа новиот Деловник за работа на советот.