СО 36 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ЌЕ СЕ СУБВЕНЦИОНИРААТ АВИО ЛЕТОВИ ОД ЛОНДОН КОН ОХРИД

Советот на општина Охрид на денешната седница донесе едногласна одлука со која ќе бидат субвенционирани авио летови до охридскиот аеродром. Најпрвин ќе се субвенционираат само сезонските летови, а веќе од 2016 година ќе се субвенционираат и редовни авио линии кои ќе бидат финансиски подржани од страна на општина Охрид. Авионските летови ќе се обраќаат меѓу Охрид и лондонскиот аеродром Лутон.

– После ова следува изработка на квалитетна тендерска документација и претпоставувам дека овај пат ќе се јават заинтересирани страни односно авио компании кои што ќе ги прифатат условите за финансиска поддршка за воспоставување прво на сезонски, а потоа и редовни летови до и од охридскиот аеродром. Ова претставува стремеж на сите туристички работници, меѓутоа и на граѓаните на Охрид и Република Македонија за воспоставување на врска кон и од охридскиот аеродром, рече градоначалникот Бакрачески.

Со оваа одлука значително ќе се зголеми бројот на гости кој ќе престојуваат во Охрид. Кон ова придонес ќе има и изградбата на автопатот Охрид – Кичево, а подоцна и Кичево – Гостивар.
Средствата за субвенционирање на летовите ќе изнесуваат 36 милиони денари и ќе се исплаќаат директно од буџетот на општина Охрид и тоа во четири рати. Во 2015 година ќе се исплатат 6 милиони, 2016 и 2017 година 12 милиони и во 2018 година уште 6 милиони. Според разговорите кои беа водени со заинтересираните авио компании се очекува оваа година да се изврши избор на најсоодветна авио компанија која што ќе ги воспостави предвидените авио летови.

Во наредниот период и Министерството за транспорт и врски ќе се вклучи со субвенционирање на авио летови по теркот како што го правеа до сега за скопскиот аеродром.

– За прв пат оваа година, после нашето лобирање пред државните органи, покрај субвенционирање на летови за скопскиот аеродром ќе бидат субвенционирани и летови кон охридскиот аеродром. Се работи за субвенционирање на летови помеѓу Базел и Охрид што во принцип значи развојна стратегија на туризмот во Охрид. Можам да кажам дека во 2015 година ќе имаме најмалку две линии кон и од охридскиот аеродром. Откако во наредните години ќе се воспостават редовни авио летови, се надевам дека ќе се отвори можност и за трета дестинација така да за две до три години би имале три дестинации кои би биле поврзани со охридскиот аеродром,додаде Бакрачески.

Покрај воспоставувањето на летовите, авио компаниите ќе се грижат и за маркетингот за Охрид, бидејќи нивна обврска е да носат гости односно туристи затоа што исплатата на средствата ќе зависи од бројот на донесени гости. Тоа значи дека компаниите ќе мора да изработат промотивен материјал односно брошури во нивните каталози во сите авиони без разлика на која дестинација се обраќаат. Ова претставува голема добивка за развој на маркетинг стратегијата во туризмот во Охрид.