ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ ГО ПОСЕТИ ПРВОТО НОВОРОДЕНЧЕ ЗА 2020 ГОДИНА

Градоначалникот Константин Георгиески, денеска на Гинеколошкото одделение при Општата Болница во Охрид го посети првото новородено бебе во Новата 2020 година.

Тој упати честитки до мајката, Нита Кркути од Дебар за новородениот син и во име на општината на бебето му подари вредносен чек од 10.000 денари и пригодни подароци.

-На малиот јунак кој е првото новороденче во Охрид, му посакувам пред се многу здравје, да порасне во многу среќен и успешен човек. Во мое лично име и во името на Општина Охрид, упатувам и искрени честитки до среќното семејство на новороденчето. Посакувам ова бебенце да донесе нова надеж и верба за подобра и поуспешна година. Ние како локална власт постојано работиме на секое поле да ги подобриме условите за живеење во градот, со цел младите да не се иселуваат и да имаат желба да ги изградат своите семејства во своето родно место. Само на тој начин ќе се создадат услови за зголемување на наталитетот што е една значајна основа за иднината на еден град, изјави градоначалникот Георгиески.

Новороденото бебе е тешко 3,6 килограми и долго 54 сантиметар. Породувањето било спонтано, а лекарскиот тим го водела д-р Мимоза Влаши Хиса, гинеколог-акушер, заедно со д-р Зорица Стрезоска, неонатолог. Новороденчето и мајката се во одлична здравствена состојба.