Голем број грaѓани се собраа на градското пристаниште во Охрид, за да пробаат од рибјата чорба за празникот Свети Јован, кој во Охрид се празнува и како Ден на рибарите.
Во голем казан, неколку часа се вареше еден и пол тон рибja чорба, во чија што подготовка учествуваа професори и ученици од средното угостителско училиште од градот. Но, наместо охридска пастрмка која ја нема, чорбата се правеше со лосос.
„Употребивме 400 килограми риба, 100 литри масло, 60 килограми брашно, целер, пашканат, моркови и зачини. Рибата е лосос како и секоја година. Пастрмка не може бидејќи пастрмката е многу нежна, а се меша и не може да биде добра чорбата, а и ја нема“, објаснува Блаже Јорданоски, готвач.
Постарите охриѓани се потсетуваат на годините кога во Охрид и езерото вриело од пастрмка и белвица.
„Риба имаше колку сакаш, но имаше почитување на законот за риба. Се знаеше кога беше забрана, не требаше чувари, самиот народ го чуваше езерото. Сега како е, повеќе има рибокрадци отколку риба“, вели рибарот Трајче Левески.
Денеска бе поделени околу 5000 порции.
„Првпат доаѓам за празникот. Живеам во Австралија. Јас мислам дека е добро, има доста луѓе. Супер е, подобро не може да биде“, вели еден посетител.
Според кажувања на постарите жители, рибарите на овој ден се капеле за да ја покажат нивната приврзаност кон езерото.