Градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиески заедно со Министерот за здравство, Венко Филипче денеска беше во посета на Центарот за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар во Општата болница во Охрид.
-Многу ми е драго што заложбите на општина Охрид за креирање на општество кое нуди еднакви можности за сите, се поклопија со идејата на Здружението „Во мој свет“ и Министерството за здравство на Република Северна Македонија за отворање на ваков вид центри во Охрид. Со отворањето на двата центри, овој за рани интервенции и третман кај децата со нарушување од аутистичен спектар и оној за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција за возрасни лица со атуизам, значително го подобруваат животот не само на лицата со аутизам, туку и на нивните семејства.
Ваквите проекти придонесуваат за забрзана интеграција и полесно совладување на пречките низ животот. Со отварањето на двата центри и низа други проекти кои ги опфаќаат лицата од овие категории, како општина, покажуваме голема зрелост, но и посветеност во пружањето на неопходната помош за нормално функционирање, истакна градоначалникот Георгиески.
Тој информираше дека во буџетот на општина Охрид за 2020 година се предвидени средства за изградба на нови пристапни скали до Центарот за рани интервенции и третман кај деца со нарушувања од аутистичниот спектар , што се од особено значење за негово подобро функционирање.
Регионалниот центар за третман на деца со аутизам во моментот го посетуваат повеќе од 40 дечиња од Охридскиот регион. Носител на проектот за отворање на овој центар е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам „ВО МОЈОТ СВЕТ“. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство, а реконструкцијата и опремувањето беше финансирано од страна на амбасадата Република Бугарија.