Министерството за здравство по изборите ќе ја разреши од функција директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Биљановска, која по враќање од Италија 5 дена редовно одела на работа, со што го загрозила здравјето на персоналот и пациентите. Поради ова, клиниката во наредните 14 дена нема да работи. 11 пациенти кои биле хоспитализирани и 13 кои биле прегледани минатата недела, ќе бидат во домашна изолација поради опасност од заразување со коронавирус.
Освен нив, во домашна двонеделна изолација ќе бидат и 64 лекари и 103 лекари кои учествувале на Симпозиумот одржан в сабота, каде предавање одржала заразената директорка со коронавирус. Меѓу нив имало и 3 доктори од Грција и лекари од Кожната болница Штип, поради што клуч ќе се стави и на оваа болница.
– Пациентите кои се лекуваа во клиниката доколку е ургентно ќе ја примаат терапијата дома, се додека повторно не се отвори клиниката односно најрано на 23 март. Станува збор за патологија која може да се третира одложно, односно може да се почека некој ден, изјави Венко Филипче.