АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА КРАЈБРЕЖЈЕТО ВО ПОТЕГОТ НА ЉУБАНИШТА

Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ денеска спроведоа интензивни активности за чистење и собирање на отпадот кој беше натрупан на крајбрежјето на Охридското Езеро во потегот од кампот Љубаништа до манастирскиот комплекс „Свети Наум“.

Во рамки на денешната акција биле подигнати 150 вреќи пластични шишиња, остатоци од друга пластична амбалажа, картонска амбалажа и други видови на цврст отпад кој како резултат на интензивните врнежи во водите на езерото биле исфрлени преку реките кои се влеваат во овој дел од крајбрежјето. Според планираното, активностите за чистење ќе се одвиваат и во следните денови поради големите количини отпад.

Акцијата за чистење се одвива во координација со Инспекторатот од Општина Охрид. Исто така издаден е налог до концесионерите кои стопанисуваат со плажите во овој дел од крајбрежјето да спроведат итни активности за расчистување на истото.