Од денеска во функција е Кол-центарот во Здравствениот дом во Скопје со цел да се зголеми капацитетот на телефонските линии, на кои ќе можат да се јавуваат граѓаните, а од понеделник ќе функционираат и двата пункта во поликлиниките во „Јане Сандански“ и „Чаир“ за земање на брисеви за тестирање за коронавирус.
Исто така, од понеделник закажување за тестирање ќе може да се прави и преку матичните лекари, преку системот „Мој термин“, информира на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
-Денеска заврши координативниот состанок со Здружението на матичните лекари кои ќе бидат вклучени во системот на закажување преку системот „Мој термин“, а после јавување на нивните веќе пациенти кои ги избрале за матичен лекар. Тоа значи, дека од понеделник освен телефонските линии за информации во центрите за јавно здравје во Кол-центарот во Здравствен Дом Скопје пациентите ќе можат да се јават и кај матичните лекари за да се закаже земање материјал во двата пункта доколку се постави индикција според електронскиот алгоритам којшто матичните лекари дотогаш ќе го имаат, појасни Филипче.