Почитувани граѓани,
Во време кога ресурсите, напорите, вкупната енергија на целата нација се насочени во борбата против коронавирусот, опозицијата се однесува небаре е друг, политички „вирус”, фабрика за лажни вести, напаѓајќи ги институциите преку ширење клевети и ноторни лаги.
Ако веќе не помагате, во време на вонредна состојба, аман не одмагајте, срамота е!
Денес наместо целосно да се бавам со проблеми на граѓани, камионски транспорт, странска помош за кризата, дел од времето морам да го потрошам на зелените (но не во смисла на екологија) тврдења на опозицијата дека во период на криза, меѓу 17 и 20 март МНР потрошило нешто помалку од 24 илјади евра (1.457.517 денари) за патувања во странство. Ова е чиста ЛАГА!
А која е вистината?
Јас лично во месец март немам НИТУ ЕДНО патување во странство. Последното патување пак на дипломат од МНР во странство е на 3 март. Оттука, МНР меѓу 17 и 20 март за службени патувања има потрошено НУЛА денари.
Приказот од трезорот што го злоупотребуваат се однесува:
1. На претходно реализирани авио карти на дипломати од МНР во износ помал од 1.500 евра (91.060 денари) и
2. На редовна месечна дознака за патни трошоци на нашите амбасади низ светот, на сите 57 дипломатско-конзуларни претставништва на Северна Македонија во износ од приближно 22.000 евра (1.366.457 денари) односно нешто под 400 евра по ДКП.
Трезорот со самото дозначување на овие средства од МНР до ДКП-та нив ги смета како веќе реализирани трошоци, иако реално истите се реализират сукцесивно, во текот на месецот, од секое ДКП посебно, за извршување на своите редовни задачи.
Е сега, оти ова е тотално редовна активност, навистина згрозува фактот што се злоупотребува од луѓе кои ја разбираат, кои точно знаат за што се работи и сепак одлучиле да манипулираат и да лажат, во време кога МНР е една од клучните алки во борбата против маката што не’ снајде.
Овие обиди за саботажа, овие гнасни игри нема да дозволам да фрлат дамка врз работата на Министерството. За оваа пропаганда ќе си покренам соодветни постапки.
Во недела кога татковината се зачленува во НАТО, кога ЕУ одлучи да започне пристапни преговори – национални стратешки интереси со децении – можеби и ќе беше премногу да се очекува „здружението” да успее да се издигне и да честита на историскиот успех.
Но, минимум достоинство и човечки вредности ќе наложат воздржување од лаги барем додека трае оваа битка во која за жал, очигледно коронавирусот не е единствениот непријател на македонските граѓани и на државата.”