Најнапред сакам да се извинам на граѓаните што во овие тешки моменти кога сите сме насочени кон превенција и борба со пандемијата од Ковид 19, морам да упатам еден писмен одговор до господинот Сашо Донев, кој преку социјалните мрежи деновиве упати прашање, кое сметам дека треба јавно да го одговорам.
Господине Донев, навистина не доликува на ваков дрзок и популистички начин да ја користите оваа чувствителна состојба во нашето општество и на грбот на засегнатата бизнис заедница и граѓаните од Охрид да се обидувате да заработите ситни политички поени.
Доколку зборуваме за политичките ставови кои ги застапувате, јас би Ве запрашал-Како во услови кога Вашата партија остро ја нападна иницијативата за намалување на платите во јавната администрација, Вие барате, на луѓе кои што се ангажирани преку времени вработувања, кои работат, придонесуваат и издржуваат фамилии, да им го скратиме изворот на егзистенција? Мислам дека во најмала рака сте контрадикторни во поглед на прашањето за помош на работниците и вистинската грижа за граѓаните.
Владата на Република Северна Македонија веќе ги објави економските мерки во кои се опфатени туристичкиот и угостителскиот сектор, како едни од најпогодените во овој кризен период. Нашата држава веќе има силни сојузници благодарение на успешните интегративни процеси во НАТО и ЕУ, кои Вие упорно ги кочевте. Од вчера, ставени се на располоагање вкупно 66 милиони евра од фондовите на ЕУ за надминување на проблемите кои ги предизвикува пандемијата.
Господине Донев и ВМРО ДПМНЕ, престанете да споделувате дневно-политички постови и соопштенија, кои немаат никаква значајна цел. Не ширете лажни вести, бидете одговорни, давајте апели и придонесете за полесно надминување на оваа состојба. Не е време за политичка кампања и лични препукувања.
P.S. Господине Донев, Вие сте претседател на општинска организација на политичка партија и во следна прилика покажете барем минимум ниво на политичка култура. За Вас не сум Коста, јас сум и Вашиот Градоначалник.