Филипче ќе ја разреши директорката на Охридската болница

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека директорката на болницата во Охрид утре ќе биде разрешена, бидејќи пациентката од Струга која почина од коронавирус не била хоспитализирана.

Директорката на Охридската болница утре ќе биде разрешена поради случајот со 66-годишната жена од Струга, која почина од коронавирус, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

-Во однос на случајот со вчера починатата од Струшко, која не била хоспитализирана, според информации на Инфективното одделение во Охридската болница, сакам да ве информирам дека утре ќе биде разрешена директорката, ќе биде поставен нов директор, истакна Филипче и додаде дека денеска на увид во болницата е државниот инспекторат да утврди евентуално други одговорни.

Нагласи дека веќе е покрената постапка и упати апел до институциите целосно да ја спроведат постапката.

Основното јавно обвинителство Охрид претходно денеска соопшти дека ја истражува смртта на 66 годишната стружанка, која беше четврта жртва на коронавирусот во земјава.

Обвинителството по допрен глас отвори предмет, како што се наведува во соопштението, за смртта на лице од Струга, жена на возраст од 66 години на која и било дијагностицирано присуство на вирусот  COVID 19.

-Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар  препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница. Но пациентката и покрај упатувањето, не е примена во болницата, се вели во соопштението на Обвинителството.

Се додава дека Обвинителството ќе преземе дејствија во насока на расчистување на причинско последичната поврзаност и за утврдување на фактите за евентуално постоење на кривична одговорност.​