ЦВЕЌАРИТЕ БАРААТ ПОМОШ ОД ВЛАДАТА

Здружението на производители на сезонско саксиско цвеќе, режано цвеќе и саден материјал ќе ја уништи пролетно-летнта реколта, бидејќи не може да го пласира и продава произведеното цвеќе. Тие бараат од владата да преземе мерки со кои ќе им се помогне да опстанат и во оваа криза, бидејќи поради ширењето на коронавирусот и мерките кои се на сила и граѓаните не можат да дојдат до нивните производи.

– Се соочуваме со финансиска катастрофа и со опасност од целосен колапс. Принудени сме да отпочнеме со уништување на пролет-лето реколтата, бидејќи не постои опција да пласираме и да продаваме цвеќе – велат од Здружението.

Оваа алтернативна земјоделска гранка, велат од Здружението, брои десетици компании, стотици вработени, огромни вложувања во опрема и инфраструктура, се развива континуирано од осамостојувањето на државата, а во споредба со другите земјоделски гранки изложена е и на највисоки оданочувања.