Помош од 100.000 заштитни маски и 5.000 илјади заштитни скафандери за Македонија стигнаа денеска со специјален воен карго авион од Унгарија. Нив лично ги донесе унгарскиот министерот за надворешни работи и трговија, Петар Сијарто, кој на аеродромот беше пречекан од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.
„Северна Македонија и Унгарија имаат одлична билатерална соработка, за што сведочи и денешната поддршка, која во вакви застрашувачки времиња, кога секој се бори да обезбеди средства за сопствени потреби, покажаа навистина несебична солидарност од страна на Република Унгарија,“ изјави Османи, упатувајќи лична благодарност до Министерот Петар Сијарто за севкупната поддршка на Република Унгарија за земјава.
Во просториите на скопскиот аеродром, Османи оствари и билатарелана работна средба со Сијарто, на која беа разменети информации и за натамошните чекори во однос на европската агенда на земјава по добивањето на одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, процесот на формирањето на преговарачката рамка, како и подготовката на земјата за самиот почеток на преговорите.