Туристичкиот сектор објективно гледано е најпогоден од мерките за изолација. Оценка на хотелиерите е дека доколку мерките за изолација бидат олеснети во текот на наредниот месец, доколку следи постепено опуштање на рестриктивните ограничувања и нормализација на состојбите, преку добро осмислени мерки, со позитивна пропаганда и соодветна поддршка од медиумите, работите во секторот ќе се подобрат, пишува МИА.
Доколку компаниите, фирмите, спортските клубови, но и државните институции ја дадат својата поддршка на домашниот туризам тогаш туристичкиот сектор ќе ги надмине проблемите, сметаат хотелиерите. Во најголем дел тие излезот од кризата во секторот го гледаат преку промоција и поддршка на домашниот туризам, надополнување на откажаните аранжмани на странските оператори со домашни туристи.
Конкретно зборувајќи за Охрид како наша најпозната туристичка дестинација, хотелските менаџери пропуштениот период на целосна забрана за работа го посочуваат како период во кој се е изгубено оттаму што во месеците март и април во Охрид никогаш немало позначајна туристичка посетеност.
Свесни се дека враќањето на состојбите во секторот во нормала ќе се одвива постепено, но мора да се работи плански, со коодинираност на сите стопански субјекти, од сите стопански гранки и области.
– Доколку сите стопански субјекти своите активности ги насочат на правилен начин, од оваа криза ќе излезиме како победници. Туристичката дејност не е изолирана од другите стопански сектори. Ние за нашите услуги трошиме суровини, истите ги набавуваме од домашни партнери, дали е тоа струја, прехранбени производи, услуги. Како субјекти кон јавните претпријатија имаме огромни давачки. Доколку јавните претпријатија на вработените им понудат одмор во домашните капацитети со одредени бенефиции, со цена на сместување формирана преку пребивање, тоа ќе биде од полза на сите, изјави Љупчо Цветаноски, директор на хотелите „Климетица“ и „Маива“, со капацитет од некаде 140 легла.
Цветаноски потсетува дека туристичката сезона во Охрид секогаш била во периодот од мај до октомври, а секторот за странските туристи секогаш давал „екстра“ цена, со разни поволности и мерки за поддршка.
– Доколку таа „екстра“ цена и понуда ја дадеме на домашните јавни претпријатија, на домашните фирми, компании преку закупи на аранжмани, ние ќе дојдеме до резултати речиси идентични како со странските гости, уште повеќе што нашиот турист знае да потроши, изјави Цветаноски.
Тој смета дека моменталната ситуација кога ниту еден турист нема сигурност ниту гаранција за заштита, логично е да се размислува за користење одмор во домашните центри наместо патување надвор.
– Одморот не е само аранжманот ниту морето. Отсуството на соодветна здравствена заштита кога сте во странство само по себе носи несигурност. Домашниот туризам тука е во предност, оттаму што ги елиминира евентуалните несакани последици доколку настапат здравствени проблеми, а се наоѓате во странска држава. Ние во соработка со стопанските комори и сите субјекти сме во состојба да формираме добра понуда со цена прифатлива за просечен граѓанин, да може да си дозволи да летува во Охрид, Струга, Дојран, во сите туристички центри со кои располагаме, вели Цветаноски.
Што се однесува на најавените, а пропуштените настани од областа на семинарскиот и конгресниот туризам, оценка на хотелиерите дека истите можат да се реализираат наесен, секако доколку тоа биде добро осмислено и вклопено во мерките што ќе ги спроведува Владата за поддршка на туристичкиот сектор.
Охридско-струшката ривиера располага со хотелски капацитети со некаде до четири илјади легла. Од нив речиси 40 проценти се пополнети со лица кои државата ги смести во задолжителен карантин.