Двајца починати, 38 излекувани лица и 21 новозаболен е дневниот биланс за ковид-19 во Македонија за изминатите 24 часа, истакнуваат од Министерството за здравство.
Едниот смртен случај е регистриран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде 50 годишен пациент од Скопје ја загуби битката со коронавирусот. Лицето било хоспитализиран на 6 април и 17 дена било на механичка вентилација. Вториот е на Клиниката за онкологија каде почина 51 годишен пациент од Прилеп чиј позитивен резултат на ковид-19 пристигнал вчера попладне.
Од МЗ информираат дека на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска се регистрирани 38 излекувани пациенти и тоа од Скопје – 19, од Тетово – 3, од Струга – 9, од Битола – 4 и од Гостивар – 3.
Во изминатите 24 часа се потврдени 21 нов случај на ковид-19 и тоа во Скопје – 7, во Куманово – 6, во Прилеп – 4, во Тетово – 1, во Пехчево – 1, во Делчево – 1 и во Струга – 1. Со ова вкупната бројка на позитивни лица на коронавирусот во нашата земја изнесува 1.442, бројката на оздравени пациенти е 627, на починати е 73, а во моментот бројот на активни случаи изнесува 742.
По завршување на епидемиолошка анкета за две лица кои во вчерашниот извештај на ИЈЗ беа заведени во Кавадарци, е утврдено дека се жители на Демир Капија. Во денешниот извештај на ИЈЗ ќе биде направена исправка и тие ќе бидат заведени во Неготино, бидејќи Демир Капија спаѓа во оваа подрачна единица. Согласно ова, последната дистрибуција по градови е следна:
Скопје – 493
Куманово – 384
Дебар – 51
Штип – 34
Прилеп – 147
Тетово – 76
Струга – 66
Велес – 69
Битола – 19
Охрид – 15
Кавадарци – 5
Гостивар – 17
Гевгелија – 4
Струмица – 2
Крива Паланка – 5
Радовиш – 4
Крушево – 3
Кочани – 28
Пробиштип – 2
Кичево – 2
Неготино – 7
Демир Хисар – 1
Македонски Брод – 2
Пехчево – 2
Делчево – 1
Валандово – 1
Виница – 2
Во изминатото деноноќие се направени 279 теста од кои преку ИЈЗ – 146, преку Ветеринарен факултет – 20, преку „Авицена“ – 25, преку „Биотек“ – 29, преку Клиниката „Филип Втори“ (Жан Митрев) – 39, преку „Систина“, со PCR метода, – 12 и преку МАНУ – 8. Досега во земјата се направени вкупно 16.050 тестирања на ковид-19.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се двајца нови пациенти, а хоспитализирани се вкупно 52. На кислородна поддршка се 28, а на механичка вентилација се тројца пациенти.
Во ГОБ „8 септември“ примени се примени осум нови, а вкупно се хоспитализирани 35. Со потешка клиничка слика се пет лица, а на респиратор се вкупно шест.
Во болницата во Битола се лекуваат пет лица, а на домашно лекување се следат четворица пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани тројца пациенти, а уште шест се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Тетово, во Гостивар, во Куманово, во Велес и во Прилеп се лекуваат 42 позитивни и суспектни на ковид-19.