Министерот Наќе Чулев денес во рамки на работната посета на СВР Охрид ги посети полициските службеници кои се распоредени на неколку пунктови во градот Охрид и полициските службеници кои се задолжени за обезбедување на објектот наменет за сместување на лица во државен карантин „Дрим – Струга“.
На сите граѓани и на сите припадници на Министерството за внатрешни работи Министерот Чулев им го честиташе Меѓународниот ден на трудот, 1 мај. „Полициските службеници со својот труд и со својата посветеност покажаа исклучително високо ниво на одговорност и професионализам и во целиот изминат период застанаа на првата линија, успешно превенирајќи го понатмошното ширење на коронавирусот во нашата држава.“, истакна Чулев. До сега на територијата на СВР Охрид констатирани се вкупно 168 непочитувања на ограничувањето на движење, најголемиот дел се лица на возраст од 18-67 години. Поднесени се вкупно 84 кривични пријави за 104 сторители. Оваа бројка покажува дека граѓаните на општините кои ги покрива Секторот за внатрешни работи од Охрид се одговорни, генерално ги почитуваат мерките за ограничување на движењето и се свесни за ризикот во кој сите се наоѓаме.
Во оваа прилика сакам да упатам искрена благодарност до сите нив за високото ниво на почитување на одлуките на владата и почитувањето кон полициските службеници. Одговарајќи на новинарски прашање Чулев потенцираше дека во вчерашниот настан на територијата на СВР Струмица полициските службеници постапиле согласно стандардните оперативни процедури за постапување во вакви настани, дополнително внатрешна контрола ќе треба да утврди дали тоа постапување било соодветно и согласно на законот.
Во однос на сомневањето дека конкретните лица сториле и други кривични дела Чулев истакна дека истрагата која Министерството за внатрешни работи ја води во соработка со ОЈО ќе треба да даде одговор на тие прашања. Министерот Чулев додаде дека верува во професионалноста и одговорноста на сите полициски службеници вклучувајќи ги и тие во Струмица.