Бројни граѓани на Охрид реагираат до Охрид Вест во врска со случајот со Зоран Рафтоски раководителот на Фондот за комунален развој при Општина Охрид кој со денови не се појавил на работното место.
Рафтоски официјално е на боледување со седмици и месеци и заради болестите не доаѓа на работа, а за тоа време бројни проблеми во секторот со кој раководи се таложат и создаваат проблеми за граѓаните, но и за фирмите кои работат со општината преку секторот чиј раководител официјално од декември 2017 година со прекини е на боледување или на годишен одмор.
Како што дознаваме Рафтоски и деновиве не доаѓал на работа, поточно се појавувал на работното место по еден ден во седмицата. Дали за останатите денови кога не доаѓал на работа донел боледување или ќе се оправдува на некој друг начин ќе треба да се види деновиве.
Општина Охрид официјално побарала од Полицијата да ја информира колку пати Рафтоски патувал во странство додека бил на боледување и да се испита дали бил во странство да се лекува или таму работел, но од СВР Охрид не доставиле одговор, а потоа општината барањето го препратил до МВР во Скопје, од каде уште се чека одговорот.
Охрид Вест има сознанија и за други вработени во локалната кои прават вакви злоупотреби со непојавување на работа или со користење паузи во траење од по три до четири часа. Овие појави во моментов ги истражуваме и ќе ги објавиме наскоро.