Градскиот фудбалски клуб Охрид го задржа второлигашкиот статус, откако Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го усвои предлогот од Натпреварувачката комисија. Сезоната во Втората МФЛ која беше стопирана, денеска е официјално прекината.
Од Втората МФЛ нема испаѓање, а првопласираните екипи на табелата во запад (Пелистер) и исток (Беласица) обезбедија пласман во Првата лига.
Сакаме да упатиме голема благодарност до УО и ФФМ за одлуката и за сериозниот пристап кој беше наметнат од самиот почеток на пандемијата од вирусот Ковид -19. Нам како клуб ова ќе ни биде втора шанса да се покажеме во вистинско светло. Во дебитанската сезона го плативме цехот на неискуството, но подучени и со нови мотиви ќе ги исправиме сите наши грешки и сите успеси ќе ги избориме на теренот. Исто така сакаме да им го честиме пласманот на Пелистер и Беласица во Првата лига и им посакуваме многу успеси.
На крај, сакаме да упатиме голема благодарност до охридската публика и јавност, навивачката група „Рибари“, фудбалерите и стручниот штаб и спонзорите, без кои клубот немаше да припаѓа на второлигашкото друштво. #напредохрид