Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов , денеска на пригодна свеченост ги ставија во употреба дисперзираните простории на градинката ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ во основното училиште „Кочо Рацин“.
Просторните услови ги исполнуваат нормативите и стандардите за вршење дејност предвидени со Законот за детска заштита, за кои е добиена согласност од Министерството за труд и социјална политика. Во просториите ќе бидат згрижени 18 деца, во хетерогена група на возраст од 3 до 6 години, на кои секојдневно доследно ќе се спроведува програмата за ран детски развој.
–Денес ја отвораме третата по ред детска градинка во посебни просторни услови во Охрид, со што на некој начин во континуитет ги продолжуваме нашите напори за обезбедување соодветни простории за згрижување на деца од претшколска возраст кои доаѓаат од периферните населени места во Охрид. Во денешниот свет со забрзан и динамичен развој родителите и тоа како имаат потреба од обезбедување на вакви просторни услови за згрижување на своите деца. Ова е неопходен проект за градов со оглед на тоа што не постои можност сите деца кои се на територијата на општина Охрид да бидат згрижени во постоечките капацитети на ЈОУДГ “Јасна Ристеска“ . Секако сета опрема и реквизитите кои што ги обезбедивме ги исполнуваат сите нормативи и стандарди од Законот за детска заштита. Тука нема да застанеме. Секаде онаму каде што сметаме дека ќе има услови продолжуваме со изградба и реконструкција на основни училишта и создавање подобри услови во кои ќе се реализира воспитно – образовниот процес на младите. Проектот на општина Охрид се реализира со иницијативата која произлезе од програмата на УНИЦЕФ за ран детски развој наречена “Првите пет се најважни на свет“. Би ја искористи оваа прилика да се заблагодарам на претставниците на УНИЦЕФ во Македонија за помошта која ја дадоа за реализација на овој проект а секако тука се заблагодарувам на службите во општина Охрид и детската градинка “Јасна Ристеска“ кои се вклучија во реализација на проектот , изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се заблагодари на градоначалникот Никола Бакрачески и на сите вработени во општината за вложениот труд и напор во насока на зголемување на капацитетите за згрижување и воспитување на деца од пред школска возраст.
– Општина Охрид е вистински пример како треба да се работи во насока на подобрување и зголемување на капацитетите и правење на систем за достапност на детските градинки во сите населени места во рамките на една општина. Во разговорите кои ги имаме со општина Охрид ова не е последниот објект кој што ќе се отвори како група во други просторни услови. И понатаму се продолжува со низа активности за во охридското село Пештани набрзо да биде отворена ваква група во други просторни услови со што дополнително ќе се зголеми капацитетот , ќе се подобрат условите и ќе се создадат можности за повеќе родители да можат да ги згрижат своите дечиња во рамки на објектите во општина Охрид,потенцира Спасов.
Воспитно- образовната работа во дисперзираните простории на детската градинка во ОУ “Кочо Рацин“ ќе се изведува во простор со површина од 90 м2. Адаптацијата на просторот опфаќа уредување на занимална, кујна и тоалети.
Исхранaта ќе биде со дистрибутивна кујна . За децата ќе се грижи персонал во состав, воспитувачка, негователка и садоперка – хигиеничар.