Директорот за Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев смета дека не треба да се очекува аеродромите во земјава да бидат отворени пред 15 јуни.
Моментално во земјава, бројот на летови во споредба со претходната година е само 7 до 10 отсто и во нив се опфатени воените летови, специјалните медицински, државните, хуманитарните летови и летовите за репатриација на државјаните кои останале надвор од територијата на земјава за време на избувнувањето на пандемијата и се затворањето на границите во сите европски држави.
– Начелно сме во комуникација со операторот ТАВ. Тие се подготвени. Конечните подготовки во врска со означувањата, правилата, критериумите, одредбите, сè е во подготовка. Така да сето ова, според мене, зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата кај нас, во кое ниво ќе ни биде здравствениот систем и дали ќе се засилат мерките за задолжителен карантин во текот на влегувањето на странците во нашата земја – вели Тунтев.
Во врска со тоа дали може да се отворат авиолинии за летање во еден правец од Северна Македонија кон одредена дестинација, тој вели дека тоа не е логично, бидејќи не би било профитабилно за авиокомпанијата.
– За летања во еден правец нема можност бидејќи не е профитабилно. Кој ќе лета само во еден правец? Превозникот би требало да се согласи да лета сам во еден правец со патници, а да се врати празен – тоа не е логично. Освен тоа, излегувањето на граѓаните е дозволено во нашата граница, а знак прашалник е дали е дозволено влегување на државјаните на Македонија во другите земји. Пo сè изгледа, Бугарија ќе дозволи или Србија која ги отворила границите, но другите земји имаат услови – вели директорот за Агенцијата за цивилно воздухопловство.