Сите кои имале договор за закуп на плажа и истиот е истечен или пак раскинат, мора да ги вратат земјиштата во првобитна состојба, се вели во уредбата која Владата ја донесе на денешната седница. Со неа се опфаќаат и нелегалните стопанственици со плажите во Охрид кои узурпирале 25 локации на охридското крајбрежје. Проверка нема да вршат општинските инспектори, туку Пазарниот инспекторат и Управата за јавни приходи, кои од нелегалните стопанственици ќе треба да бараат договор за закуп, а пак, доколку тие го немаат, тогаш согласно законите ќе тие ќе бидат казнети, а нивните објекти затворени.
Уредбата треба да резултира со враќање на сите плажи во целосно владение на Општина Охрид, се додека, физички или правни лица не склучат нов договор за концесија. „Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, со која се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат“, се вели во уредбата на Владата.
Оваа уредба ќе важи до крајот на годината. Доколку некоја од фирмите, иако нема концесија на плажата, одбие да постапи согласно уредбата и да ја врати во првобитна состојба, тогаш ќе постапат инспекторите од Пазарниот инспекторат. „Надзорот над вршењето на дејноста во рамки на Градежното земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичко- планска документација за плажа, се врши од страна на Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, a не постапувањето од страна на закупецот во согласност со член 2-а од оваа уредба, претставува основ Државниот пазарен инспекторат да изврши затворање на објектите“, се додава во уредбата.
фото: Архива