Уредбата околу плажите останува на сила се’ додека Министеството за транспорт и врски не го направи урбанистичкото планирање на сите плажи, истакна Министерот без ресор задолжен за дијаспора и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми во емисијата Win Win на Тв Телма.
Тој беше дециден дека рушење на плажите ќе има.
– Потоа сето тоа да се вметне во рамките и согласно планот за управување кој е донесен и дури потоа ќе можат општините Охрид и Струга да распишуваат повици за да видиме која плажа ќе се издава, за каква намена и така натаму. Значи, Уредбата останува на сила се’ додека не се реши овој дел, истакна Адеми.
Тој додаде дека мора да има реорганизација и на инспекциите.
– Свесен сум дека и ние како влада и граѓанскиот сектор и охриѓани имаме иста цел – да се зачува Охрид и тоа не поради УНЕСКО, туку поради нас. Ако за нешто треба да се бориме сите заедно кога се работи за Охрид, треба да се бориме заради нас, а не заради тоа што тоа го бара УНЕСКО. Да се биде под заштита на УНЕСКО е добро за имиџ, но ние имаме иста цел и амбиција. Имаме различен пристап, но целта ни е заедничка, напомена Адеми.
фото: Архива